Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието упатуваат јавна покана до сите заинтересирани страни – наставници, стручни служби и други чинители во образованието – да се вклучат во јавната дискусија за новиот предлог-лектирен список за основното образование.
Промените и потребата од ажурирање на лектирниот список произлегуваат од стремежот за постојано усогласување на наставните содржини со современите образовни цели, развојните карактеристики на учениците и нивниот социјален и емоционален контекст.
Нов пристап при изборот на лектирите се темели на неколку критериуми: програмска усогласеност, соодветност на возраста, книжевна вредност, тематска релевантност и инклузивност.
Предлог-списокот е изработен врз основа на списокот што се реализира во наставата од учебната 2019/2020 година. Одредени наслови се отстранети поради ниска читаност, несоодветност на возраст или содржина. Поради промени во наставните програми и интердисциплинарно поврзување во наставата, некои дела се преместени во друго одделение или добиле нов статус – од задолжителни станале изборни и обратно.
Во предлогот се вклучени дела што обработуваат современи и значајни теми, меѓу кои: идентитет и самодоверба, пријателства и меѓучовечки односи, училишен живот и булинг, емоционални и психолошки предизвици, справување со загуба, културна разноликост, родова еднаквост и инклузија на деца со различни способности.
Целта е учениците да читаат содржини блиски на нивната реалност, но и доволно слоевити за анализа и симболичко толкување, што ќе поттикнува критичко размислување, дискусија и личен развој.
Списокот останува отворен за предлози за сите одделенија од второ до деветто. Предвидена е и можност за вклучување на по едно дело од националните литератури на сите наставни јазици, при што секое дело ќе биде преведено на сите службени наставни јазици во Република Северна Македонија.
Вашите предлози се од суштинско значење за создавање современ, инклузивен и квалитетен лектирен список, кој ќе одговара на реалните потреби на учениците и наставниот процес.
Формуларот за предлог-книга треба да се испрати на следната адреса: bro.macedonia@bro.gov.mk
Види го предлог-списокот на лектири