Бирото за развој на образованието и Агенцијата за филм на Република Македонија потпишаа Меморандум за соработка со кој се воспоставува партнерство насочено кон унапредување на воспитно-образовниот процес преку примена на филмската уметност и аудиовизуелните медиуми.
Меморандумот го потпишаа директорката на Бирото за развој на образованието, Милка Тримчевска, и директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски.
Соработката има за цел развој на филмската, медиумската и визуелната писменост кај учениците, интеграција на филмот како современо наставно и едукативно средство, поттикнување на креативното, критичкото и аналитичкото размислување, како и унапредување на професионалните компетенции на наставниот кадар и промоција на македонската и европската кинематографија.
Во рамки на партнерството се предвидува изработка на наставни и едукативни материјали, организација на филмски проекции проследени со дискусии и анализи, развој на едукативни филмски програми за ученици, како и реализација на обуки, работилници и семинари наменети за наставници и ученици. Дополнително, соработката опфаќа поддршка на училишни филмски клубови и ученички аудиовизуелни проекти, како и иницирање заеднички национални и меѓународни активности во областа на образованието и филмската култура.
Овој Меморандум претставува значаен чекор кон модернизација на образовниот процес, приближување на филмската уметност до младите и зајакнување на улогата на филмот како современа едукативна алатка.