Врз основа на член 42 став (3) од Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост („Службен весник на РМ“ бр. 106/15, 153/15, 190/16 и 21/18 и „Службен весник на РСМ“ бр. 101/19, 275/19, 122/21 и 193/25), како и врз основа на Одлуката за спроведување постапка за избор на правно лице за преземање на расходувани движни ствари како отпад бр.02-1837/1 од 02.11.2026 година, Бирото за развој на образованието објавува,
ЈАВЕН ПОВИК
за избор на правно лице кое врши дејност или поседува дозвола за собирање и/или транспортирање, преработка, рециклирање и други соодветни операции со отпад
I. ОПШТИ ИНФОРМАЦИИ
Бирото за развој на образованието има потреба од избор на правно лице кое врши дејност или поседува соодветна дозвола за собирање и/или транспортирање, преработка, рециклирање и други соодветни операции со отпад, заради преземање на движните ствари кои поради нивната дотраеност, неупотребливост или технолошка застареност повеќе не се користат за потребите на Бирото за развој на образованието и не можат да бидат дадени на користење, продадени или разменети.
II. ОПИС НА ПРЕДМЕТОТ НА ЈАВНИОТ ПОВИК
Предмет на јавниот повик е избор на правно лице за преземање на движните ствари наведени во Прилог 1 – Листа на движни ствари, кои се предмет на преземање и понатамошно постапување како отпад. Во Прилог 1 движните ствари се наведени според нивниот вид, количина и локација на која се наоѓаат. Избраното правно лице е должно да ги преземе движните ствари од локациите наведени во Прилог 1, да обезбеди нивно соодветно сортирање, утовар и транспорт, како и нивно понатамошно постапување согласно со прописите за управување со отпадот и посебните прописи што се однесуваат на соодветниот вид отпад. Преземањето на движните ствари се врши без надомест за Бирото за развој на образованието, при што сите трошоци поврзани со нивното преземање, утовар, транспорт и понатамошно постапување се на товар на избраното правно лице. Јавниот повик е неделив и се однесува на сите движни ствари наведени во Прилог 1.
III. КРИТЕРИУМ ЗА ИЗБОР
Критериум за избор на правно лице е најкраток понуден рок за преземање на движните ствари предмет на јавниот повик, без надомест за Бирото за развој на образованието. Рокот за преземање на движните ствари се смета од денот на склучување на договорот со избраното правно лице. Доколку две или повеќе правни лица понудат ист рок за преземање на движните ствари, без надомест, ќе биде избрано правното лице кое прво поднело пријава за учество, согласно со датумот и времето на прием на пријавата во архивата на Бирото за развој на образованието, односно датумот и времето на прием на електронската пријава. Доколку е доставена само една пријава за учество, Бирото за развој на образованието ќе изврши избор на тоа правно лице доколку ги исполнува условите утврдени со јавниот повик и ја има доставено потребната документација.
IV. ПРАВО НА УЧЕСТВО И ПОТРЕБНА ДОКУМЕНТАЦИЈА
Право на учество на јавниот повик имаат сите заинтересирани правни лица кои се регистрирани за вршење на соодветната дејност и кои вршат дејност или поседуваат соодветна дозвола, одобрение или друг акт издаден од надлежен орган за собирање и/или транспортирање, преработка, рециклирање или други операции со отпад, согласно со видот на отпадот што е предмет на јавниот повик. За докажување на исполнетоста на условите, правните лица се должни да ја достават следнава документација:
- Способност за вршење на професионална дејност:
- тековна состојба од Централниот регистар на Република Северна Македонија, не постара од шест месеци, од која може да се утврди регистрираната дејност на правното лице;
- важечка дозвола, одобрение или друг соодветен акт издаден од надлежен орган, со кој се докажува дека правното лице е овластено за собирање и/или транспортирање, преработка, рециклирање или други соодветни операции со видовите отпад што се предмет на јавниот повик;
- доколку правното лице не ги врши самостојно сите операции со отпадот, доказ дека понатамошното постапување ќе го обезбеди преку друго правно лице кое поседува соодветна дозвола за тие операции.
- Техничка и професионална способност:
- изјава дека правното лице располага со соодветни транспортни средства за преземање и транспортирање на движните ствари предмет на јавниот повик;
- изјава дека правното лице ќе има на располагање доволен број лица за непречено извршување на преземањето, утоварот и транспортот на движните ствари;
- изјава дека правното лице ќе обезбеди соодветно сортирање, транспорт и понатамошно постапување со преземените движни ствари, согласно со важечките прописи и дозволите што ги поседува;
- изјава дека сите трошоци за преземање, утовар, транспорт и понатамошно постапување со движните ствари ќе бидат на товар на правното лице и дека од Бирото за развој на образованието нема да бара никаков надомест;
- изјава дека, доколку преземената компјутерска и друга опрема содржи носачи на податоци, ќе обезбеди соодветно и безбедно постапување со нив, вклучително и бришење или уништување на податоците, согласно со важечките прописи.
Правните лица се должни да ја достават и пополнетата Пријава за учество, која е составен дел на овој јавен повик и е дадена во Прилог 2. Документите се доставуваат во оригинал или во копија заверена од правното лице со потпис на одговорното лице и со назнака „Верно на оригиналот“ на секоја страница. Доколку пријавата се доставува електронски, документите се доставуваат во скенирана форма, потпишани од одговорното лице, а Бирото може да побара нивно доставување во оригинал или заверена копија заради проверка. Доколку избраното правно лице се откаже од склучување на договорот или не го склучи во рок од пет дена од денот на приемот на известувањето за избор и поканата за склучување на договорот, Бирото за развој на образованието може да му понуди склучување на договор на следното рангирано правно лице кое ги исполнува условите утврдени со јавниот повик.
V. ПРАШАЊА И ПОЈАСНУВАЊА
Подетални информации и појаснувања во врска со јавниот повик може да се добијат секој работен ден од 08:30 до 16:30 часот во просториите на Бирото за развој на образованието. Електронска адреса: bro.macedonia@bro.gov.mk;
VI. КРАЕН РОК И НАЧИН НА ДОСТАВУВАЊЕ НА ПРИЈАВИТЕ
Краен рок за доставување на пријавите за учество е 09.11.2026 година, до 16:00 часот. Пријавите за учество може да се достават на еден од следниве начини:
- електронски, на електронската адреса: bro.macedonia@bro.gov.mk;
- по пошта, на адреса: Биро за развој на образованието, ул. „Руѓер Бошковиќ“ бр. 20, 1000 Скопје;
- непосредно во архивата на Бирото за развој на образованието, на истата адреса.
За пријавите доставени по пошта или непосредно во архивата, пријавата и придружната документација се доставуваат во затворен коверт, со назнака:
„НЕ ОТВОРАЈ – ПРИЈАВА ЗА УЧЕСТВО НА ЈАВЕН ПОВИК ЗА ИЗБОР НА ПРАВНО ЛИЦЕ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ НА ДВИЖНИ СТВАРИ КАКО ОТПАД“
На ковертот треба да бидат наведени називот и адресата на правното лице што ја поднесува пријавата. Пријавите доставени електронски треба да бидат потпишани од одговорното лице на правното лице и заедно со целокупната потребна документација да бидат доставени во скенирана форма на наведената електронска адреса.
За навремено доставена пријава ќе се смета пријавата која е примена во Бирото за развој на образованието најдоцна до утврдениот краен рок.
Пријавите доставени по истекот на крајниот рок нема да бидат разгледувани.
VII. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ПРИЈАВИТЕ И ИЗБОР НА ПРАВНО ЛИЦЕ
По истекот на рокот за доставување на пријавите, Комисијата формирана од директорот на Бирото за развој на образованието ќе пристапи кон разгледување на пристигнатите пријави и приложената документација. Комисијата ќе утврди дали правните лица ги исполнуваат условите утврдени со јавниот повик, дали ја доставиле потребната документација и дали поседуваат соодветни дозволи или други акти за постапување со видовите отпад што се предмет на јавниот повик. По извршената проверка, Комисијата ќе изготви предлог за избор на правно лице и ќе го достави до директорот на Бирото за развој на образованието. Одлуката за избор на правно лице ја донесува директорот на Бирото за развој на образованието. Бирото за развој на образованието ќе ги извести сите учесници во постапката за донесената одлука во рок од три дена од денот на нејзиното донесување.
VIII. СКЛУЧУВАЊЕ НА ДОГОВОР И ОБВРСКИ НА ИЗБРАНОТО ПРАВНО ЛИЦЕ Со избраното правно лице Бирото за развој на образованието ќе склучи договор со кој ќе се уредат меѓусебните права и обврски, рокот и начинот на преземање на движните ствари, локациите од кои ќе се врши преземањето, како и начинот на нивното понатамошно постапување. Избраното правно лице е должно:
- да ги преземе сите движни ствари наведени во Прилог 1, од локациите утврдени во листата;
- да го изврши преземањето во рокот наведен во пријавата за учество и договорот;
- да обезбеди потребни лица, опрема и транспортни средства за безбедно преземање, утовар и транспорт;
- да ги сноси сите трошоци поврзани со преземањето, утоварот, транспортот и понатамошното постапување со движните ствари;
- да обезбеди соодветно сортирање, транспорт, преработка, рециклирање или друго постапување со отпадот, согласно со прописите за управување со отпадот и дозволите што ги поседува;
- доколку понатамошното постапување го врши друго правно лице, да обезбеди тоа правно лице да ги поседува потребните дозволи за соодветните операции;
- на барање на Бирото за развој на образованието да достави соодветен доказ за преземањето и понатамошното постапување со отпадот.
Преземањето на движните ствари ќе се изврши врз основа на записник за примопредавање, потпишан од членовите на Комисијата и од одговорното лице на избраното правно лице. Бирото за развој на образованието го задржува правото да ја поништи постапката за избор на правно лице доколку не бидат исполнети условите за избор, доколку не пристигне ниту една пријава или од други оправдани причини.