Бирото за развој на образованието, согласно своите законски надлежности за континуирано професионално усовршување на воспитно-образовниот кадар, ги објави Каталогот на акредитирани програми за обука за наставниците во средното образование и Каталогот на акредитирани програми за обука за стручните соработници во средните училишта.
Каталозите содржат акредитирани програми за обука наменети за професионалното усовршување на наставниците и стручните соработници во средното образование. Во рамките на двата каталога, акредитирани се 4 програми за обука за наставниците и 3 програми за обука за стручните соработници.
Акредитирани програми за наставници
Од Каталогот на акредитирани програми за обука за наставниците во средните училишта, наставниците можат да изберат една од следниве програми:
- Програма 1: „Користење алатки за вештачка интелигенција во наставата“
- Програма 2: „Развивање критичко и аналитичко мислење преку читање со разбирање – примена на стратегии за анализа, интерпретација и вреднување на различни видови текстови во наставата“
- Програма 3: „Формативно и сумативно оценување и давање квалитетна повратна информација“
- Програма 4: „Развој на дигитални вештини и сајбер безбедност кај учениците преку безбедно, одговорно и етичко користење на дигиталните технологии“.
Акредитирани програми за стручни соработници
Од Каталогот на акредитирани програми за обука за стручните соработници во средните училишта, стручните соработници можат да изберат една од следниве програми:
- Програма 01: „Превенција и интервенција при ризични и проблематични однесувања“
- Програма 02: „Напредна обука за методи, техники и инструменти за советување и кариерно насочување“
- Програма 03: „Акциско истражување како основа за унапредување на воспитно-образовната работа“.
Начин на избор и реализација
Изборот на програмата за обука се спроведува по барање на Бирото за развој на образованието, преку линк кој се доставува до директорите на средните училишта. Директорите треба да го проследат линкот до сите наставници и стручни соработници во училиштето, со цел секој од нив да избере една програма за обука согласно потребите и приоритетите утврдени во својот личен план за професионален развој.
Реализацијата на избраните програми за обука ќе започне во текот на месец септември.
Со оваа активност, до крајот на 2026 година, секој наставник и стручен соработник ќе има можност да следи една акредитирана програма за стручно усовршување, согласно својот личен план за професионален развој.