На 13 и 14 март во Белград, Република Србија, се одржа конференција на тема „Од визија до влијание: Регионална соработка за квалитетно образование и обука“ како дел од Проектот за подобрување на квалитетот на образованието и обуката во организација на Иницијативата за реформи во образованието во Југоисточна Европа (ЕРИ СЕЕ).
На конференцијата учествуваше в.д. директорката на Бирото за развој на образованието, м-р Милка Тримчевска, заедно со други вработени во Бирото за развој на образованието и Центарот за развој на стручното образование. На настанот присуствуваа високи претставници од министерствата и други експерти од образовни институции од земјите во регионот.
На конференцијата, особен акцент беше ставен на презентирање на резултатите од проектот во рамките на компонентата за средно стручно образование и обука и компонентата за обезбедување квалитет во образованието. Од страна на експерти во областа, се говореше и за поддршката на еколошки, социјални и родови аспекти и обезбедување квалитет преку регионални иницијативи и публикации. Беа реализирани и панел дискусии со партнери и учесници во проектот на кои се зборуваше за придобивките од компонентите на проектот и нивното влијание врз развојот на националните образовни системи.
Значаен дел од конференцијата беа и дискусиите за предизвиците и следните чекори за унапредување на образованието и обезбедувањето квалитет, како и размената на информации за тековните состојби во образовните системи и споделувањето идеи за полиња на интерес за идна соработка меѓу земјите во регионот.