На 8 и 9 ноември 2023 година во Клубот на органите на управата се одржа работилница за наставници и ученици од средните училишта во Скопје на тема „Запознавање со одредбите од новиот Закон за заштита на потрошувачите“. Работилницата е дел од планираните активности на Бирото за развој на образованието во Програмата за заштита на потрошувачите за 2023 година („Службен весник на РСМ“ бр. 120/23), донесена од Владата на Република Северна Македонија, изработена согласно Законот за заштита на потрошувачите („Службен весник на РСМ бр. 236/22).
„Наша одговорност, како Биро за развој на образованието, одговорна институција за обезбедување на квалитет во образованието, е да се погрижиме и да ги оспособиме наставниците, а преку нив и учениците, со знаења и вештини во правењето избори што им користат ним и на општеството како целина“, истакна директорот на Бирото за развој на образованието, г-дин Абдулфета Фетаи во своето обраќање до учесниците на работилницата.
Директорот Фетаи нагласи дека дека живеејќи во време на „преплавеност“ со избори, мора да ги водиме потрошувачите кон опции кои не само што се соодветни за нив, туку и се одржливи и етички, а преку образованието, можеме да поттикнеме вештини за критичко размислување, овозможувајќи им на потрошувачите да ги проценат информациите и тврдењата за производите и да донесуваат одлуки кои се усогласени со нивните вредности и аспирации.
Во рамки на работилницата, која што беше интерактивна, наставниците и учениците се запознаа со правата на потрошувачите коишто се загарантирани со Закон, за потрошувачите односи, продажните поттикнувања, нечесните трговски пракси, дигиталните содржини и дигиталните услуги, обврските на трговците коишто даваат јавни услуги, правата и обврските како корисници на комуникациски услуги и постапки во решавање на спорови, како и за постапката за остварување на заштитата на правата на потрошувачите.
Гости предавачи на работилницата беа реномирани професионалци експерти од областа: Адиса Фазлиоска раководител на Одделението за заштита на потрошувачите во Министерството за економија и претседател на Советот за заштита на потрошувачите; Татјана Тасевска, правен советник во Организацијата на потрошувачите на Македонија и Рената Аиновска – Талевска, раководите на Секторот за заштита на правата на крајните корисници во Агенцијата за електронски комуникации и член на Советот за заштита на потрошувачите.
Наставниците и учениците што учествуваа на работилницата ќе добијат сертификат за следење и учество на работилницата „Запознавање со одредбите на од новиот Закон за заштита на потрошувачите“.