Бирото за развој на образованието ги промовираше резултатите од истражувањето „Анализа на финансиската писменост во основното образование“

Бирото за развој на образованието организираше настан посветен на унапредувањето на финансиската писменост како значајна компетенција во образовниот процес

На 13 март 2026 година, во Клубот на органите на управата (Клуб на пратениците) во Скопје, Бирото за развој на образованието организираше настан посветен на унапредувањето на финансиската писменост како значајна компетенција во образовниот процес, која придонесува учениците да развијат знаења и вештини потребни за информирано и одговорно донесување финансиски одлуки.

Во рамки на настанот беа презентирани резултатите од истражувањето „Анализа на финансиската писменост во основното образование“, кое го реализираше Секторот за истражување во Бирото за развој на образованието. Истражувањето има за цел да обезбеди релевантни согледувања за состојбата со финансиската писменост кај учениците во основното образование и да понуди насоки за понатамошно унапредување на наставните програми и образовните политики во оваа област.

На настанот се обратија директорката на Бирото за развој на образованието, м-р Милка Тримчевскаминистерот за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, како и гувернерот на Народната банка на Република Северна Македонија, проф. д-р Трајко Славески, кои ја истакнаа важноста од системски пристап кон развојот на финансиската писменост и од соработка меѓу институциите во насока на унапредување на оваа значајна област.

Резултатите од истражувањето ги презентираа проф. д-р Радмил Поленаковиќ од Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, м-р Љуан Имери од Центарот за човекови права и за разрешување конфликти  и д-р Жанета Чонтева, советник за истражување и истражувачки проекти. Сектор за истражување во образование во Бирото  .

Во вториот дел од настанот беа доделени награди на учениците и нивните ментори – добитници на Ликовниот конкурс организиран под мотото „Безбедни производи, сигурни потрошувачи“. Конкурсот беше реализиран во рамки на Програмата за заштита на потрошувачите за 2026 година, со цел поттикнување на свеста кај децата и младите за значењето на безбедните производи и одговорното потрошувачко однесување.

Со организирањето на овој настан, Бирото за развој на образованието придонесува кон развојот на финансиската писменост како важен сегмент на современото образование, како и кон поттикнување на свеста кај учениците за одговорно потрошувачко однесување.