Сектор за развој на воспитно-образовниот систем и развој на стандарди, наставни планови и програми
Секторот за развој на воспитно-образовниот систем и развој на стандарди, во рамките на своите надлежности во однос на развојот на воспитно-образовниот систем, изготвува концепти за развој на образовниот систем, наставни планови и програми за предучилишното, основното, средното и специјалистичкото образование, како и за образованието на учениците со посебни образовни потреби и образованието на возрасните. За реализација на оваа активност, Секторот изготвува анализи, и организира дискусии, врз основа на кои ги утврдува потребите за развој на наставните планови и програми и други концепциски документи.
Во однос на изработката на концепциските документи, новите наставни планови и програми, како и други видови на документи, Секторот спроведува јавни конкурси за вклучување на надворешни соработници за нивна изработка. Секторот, исто така, ја следи реализацијата на квалитетот на изработката на концепциските документи, новите наставни планови и програми, како и други видови на документи.
За успешно имплементирање на новите наставни програми и другите измени во наставните планови, во однос на начинот на планирање и изведување на наставата, Секторот овозможува поддршка на наставниците во основните и средните училишта преку дидактички насоки со одржување семинари и други видови на обуки и стручни средби со активите на наставниците, советувања и посети на училиштата, како и преку вршење на мониторинг во однос на примената на адаптираните и преведените наставни програми.
Секторот, исто така, има и други активности кои придонесуваат за развој на образовниот систем и тоа:
– учество во истражувачки и акциони проекти чија реализација е во тек;
– учество во активностите за професионалниот развој на наставниците;
– помош и поддршка на работата на советниците од другите сектори на Бирото;
– учество во комисии и работни тела во рамките на Бирото или како претставници на Бирото во други институции;
– поединечни работни посети или учество на семинари во други држави;
– водење интервјуа со кандидатите за директори на училиштата;
– кореспонденција со училиштата, градинките и другите институции;
– соработка со единиците на локалната самоуправа во делот на образованието.
Со реализација на наведените активности Секторот за развој на воспитно-образовниот систем и развој на стандарди, наставни планови и програми активно учествува во унапредување на воспитно-образовниот систем на Република Македонија.
Сектор за професионален развој на воспитно-образовниот кадар и советодавна стручна работа
Секторот за професионален развој на воспитно-образовниот кадар и советодавно стручна работа својата дејност ја реализира преку:
– Одделението за професионален развој на воспитно-образовниот кадар и
– Одделението за советодавна-стручна работа.
Бирото за развој на образованието, преку Одделението за професионален развој на воспитно-образовниот кадар изработува анализи и врз основа на истите ги утврдува потребите за професионалниот развој на воспитно-образовниот кадар, организира тематски дискусии во врска со професионалниот развој на воспитно-образовниот и раководниот кадар, изработува долгорочен план за потребите за обука на воспитно-образовниот кадар, изработува долгорочен и годишен план на активности за обука на воспитно-образовниот кадар, врши обединување на плановите и побарувачката на активности за обука на воспитно-образовниот кадар, ги спроведува постапките за акредитација за обезбедување на услуги во врска со спроведување на програми за обука на воспитно-образовниот кадар.
Исто така, Бирото склучува договор со акредитираните установи, институции и други правни лица за спроведување на обуките на воспитно-образовниот кадар во основните и средните училишта и воедно го следи извршувањето на услугите на акредитираните установи, институции и други правни лица, во однос на квалитетот и извршувањето на услугите според утврдените рокови. Обезбедува квалитет преку евалуацијата на програмите за обука на кадрите во воспитно-образовните установи во соработка со Државниот просветен инспекторат и дава информации за констатираните согледувања од професионалниот развој на воспитно-образовниот и раководниот кадар до училиштата и други установи.
Бирото за развој на образованието освен горенаведените активности преку Одделението за советодавна-стручна работа дава советодавна-стручна помош на училиштето за концепциските и системските промени во воспитно-образовниот систем, дава стручни совети за самоевалуација на училиштето и изработка на развојните планови, ги координира активностите заедно со раководниот тим на училиштето. Дава советодавна помош заизработка и спроведување на акционите планови за мерките кои треба да се преземат по извршената интегрална евалуација, предлага стандарди за менторскиот систем на воспитно-образовниот кадар и дава редовна стручна помош на училиштата за подготовка и спроведување на училишните проекти во согласност со развојните планови. Бирото врши редовна советодавна стручна работа за наставниците и воспитувачите во врска со наставата по општообразовните предмети и наставни подрачја, како иза следење, проверување и оценување на учениците. Исто така, дава стручна помош на училиштата во работата со надарените и талентираните ученици и предлага мерки за нивна поддршка, дава насоки на училиштата за користењето на професионалните ресурси на државно и меѓународно ниво, врши инструктивна менторска работа и дава интервентна помош за воспитно-образовниот кадар, развива програма за подобрување на квалитетот на наставата во училиштето врз основа на извештајот од спроведената интегрална евалуација од страна на ДПИ, изготвува предлог мерки за подобрување на квалитетот на наставата и оценувањето на наставниците.
Со реализација на наведените активности на Секторот за професионален развој на воспитно-образовниот кадар и советодавна-стручна работа активно учествува во унапредување на образовниот систем на Република Македонија.
Сектор за истражување во образованието
Секторот за истражување во образованието врши и организира истражувања во областа на образованието. Бирото за развој на образованието преку Секторот за истражување врши проучување, реализира развојни и акциски истражувања поврзани со развојот на унапредувањето на воспитно образовната работа, изработува годишни плнови за развој на истражување, ја организира и координира работата на стручните тимови кои работат на развојни истражувања, ја следи реализацијата на истражувањата и ги информира училиштата и другите установи, организира стручни и научни дискусии за истражување на актуелни теми и проблеми кај нас и во другите земји, ја поттикнува примената на резултатите од истражувањата во областа на образованието.
Секторот за истражување во образованието има две одделенија:
– Одделение за истражување, развој и системски прашања и
– Одделение за меѓународна соработка.
Сектор за издавачка дејност
Секторот за издавачка дејност на Бирото за развој на образованието се состои од две одделенија: одделение за издавачка дејност и педагошка документација и одделение за развивање на дигитални содржини и онлајн курсеви.
Одделението за издавачка дејност и педагошка документација секоја година собира податоци од сите основни и од сите средни училишта во Република Македонија за бројот на ученици и бројот на паралелки според јазикот на кој се изведува наставата. Врз основа на добиените податоци, кои редовно се ажурираат, а согласно Правилникот за формата и содржината на педагошката евиденција и документација за основното училиште, како и начинот на нивното водење и Правилникот за начинот на водење, формата и содржината на педагошката евиденција и евиденција за средните училишта се изработуваат Издавачкиот план на Бирото за развој на образованието и плановите за дистрибуција на педагошката документација и евиденција за основното и за средното образование.
Издавачката дејност се остварува и преку издавање на наставни програми за основно и средно образование, дидактичко – методски упатства за настава, прирачници за планирање и подготовка на наставата, зборници од семинари и советувања, анализи за развој на образованието, прирачници кои се во функција на наставните програми, монографски публикации, научно-стручно списание, практикуми и други научни и стручни дела што имаат функција за унапредување, осовременување и развој на воспитанието и образованието. Содржината на публикациите е утврдена со годишната програма за работа на Бирото.
Одделението за развивање на дигитални содржини и онлајн курсеви ги реализира следниве активности:
– избирање на соодветни дигитални содржини, нивно мапирање, адаптирање, превод и нивно поставување на соодветен веб портал;
– изготвување, групирање, користење на дигиталните содржини во основното и средното образование;
– евалуација на примената на дигиталните содржини со цел нивно подобрување;
– креирање онлајн курсеви и организирање стручна поддршка на другите советници за реализација на онлајн курсевите;
– ажурирање на веб-страницата на БРО со податоци за организација и спроведување на онлајн курсевите како и за развиените дигитални содржини;
– вршење јазична редакција, лектура и коректура на стручните и други материјали во издание на Бирото;
– одржување на информацискиот систем, одржување и развивање на компјутерската мрежа.
Сектор за следење и евалвација на постигањата на учениците и наставниците
Секторот за следење и евалвација на постигањата на учениците и наставниците организира и врши истражувања за следење и евалвација на постигањата на учениците и наставниците, развива современи дидактички начини и постапки за следење на постигањата на учениците и наставниците, спроведува вонредни екстерни проверувања на постигањата на учениците, врши подготовка и обезбедува поддршка на процесот на самоевалвација на училиштата, како и поддршка при реализација на државната матура. Исто така, во соработка со Државниот испитен центар обезбедува поддршка и обуки на наставниците во основното и средното образование за меѓународните тестирања ПИСА, ТИМСС и ПИРЛС.
Во состав на Секторот за следење и евалвација на постигањата на учениците и наставниците, покрај истоименото одделение се и подрачните единици на Бирото за развој на образованието, Тетово, Гостивар, Кичево, Охрид, Струга, Битола, Прилеп, Кавадарци, Велес, Куманово, Штип, Кочани, Делчево, Берово и Струмица.