Организација
Бирото за развој на образованието е орган на управа во состав на Министерството за образование и наука со својство на правно лице и врши стручни работи од значење за развојот и унапредувањето на воспитанието и образованието во Република Македонија.
Внатрешната организацијана на Бирото се уредува согласно неговите надлежности, развиеноста на мрежата на училиштата, како и јазикот на којшто се изведува наставата. Седиштето на Бирото е во Скопје.
За извршување на работите од надлежност на Бирото надвор од седиштето, особено за вршење на советодавната стручна работа и инструктивно-менторската работа на воспитно-образовниот и раководниот кадар формирани се организациони единици во Битола, Велес, Гостивар, Кавадарци, Кочани, Куманово, Охрид, Прилеп, Струмица, Тетово и Штип.
Дејност
Дејноста на Бирото за развој на образованието опфаќа компоненти со кои се одредуваат целта и содржината на воспитно-образовната работа во областа на предучилишното, основното, гимназиското, средното стручно и постсредното образование, образованието на децата со посебни образовни потреби, образованието на возрасните, ученичките домови, како и за образованието на децата и граѓаните на Република Македонија во странство за учење на мајчиниот јазик и култура.
Историјат
Првиот чекор за формирање завод за унапредување на образованието и воспитувањето е направен во летото 1955 година. Поточно, на 11 август 1955 година со Решение на Извршниот совет на НР Македонија, бр. 214 (заради започнување подготовки за реформата на школството на просторот на ФНР Југославија), се формира Завод за унапредување и проучување на школството, за вршење на просветно-педагошка служба во Н.Р. Македонија. Од овој датум Заводот започнува да постои како буџетска установа под раководство и надзор на Советот за просвета на НР Македонија. Споменатото Решение не е спроведено веднаш, туку по неопходните подготовки Заводот започнал да работи на 1 јануари 1956 година. Неговата главна надлежност е подготовката на материјали за реформа на школството. Советот за просвета на НР Македонија согледал дека не е можно да се прават реформи во образованието без солидна подготовка на учителите и нивно постојано оспособување за исполнување на толку сложена и општествено значајна работа.
Стручните работници во Заводот имале надлежности да присуствуваат на наставата, да се грижат за учебното градиво, за негова оценка и да ги пренесуваат теориските спознанија во наставната практика. Од самиот почеток на оваа дејност, Заводот дава мислења и предлози за составување на наставните планови и наставните програми и води постојана грижа за нивна примена во училиштата. За исполнување на овие сложени цели се создаваат стручни тимови кои ги спроведуваат промените во училиштата, предлагаат мерки за стручно подготвување на учителски кадар, проучуваат и даваат предлози за обновување на постојните и за градење нови училишни објекти.