Општествено-хуманитарна работа во основното образование

Во процесот на имплементација на новата активност Општествено-хуманитарна работа во основното образование, Бирото за развој на образованието како институција задолжена за унапредување на воспитно-образовниот процес, го изработи и предложи новиот наставен план за седмо одделение, со кој оваа активност е воведена од оваа учебна година, како и соодветни обуки за наставниците за нејзина квалитетна реализација во училиштата.

Следејќи ги насоките од новиот наставен план, учениците од седмо одделение при ООУ „Браќа Миладиновци“ – Куманово започнаа со реализација на оваа нова активност. На 3 декември тие организираа две креативни и хуманитарни работилници, спроведени во соработка со дневниот центар за лица со попреченост „Порака наша“ и невладината организација „Let’s Spread Love“.

Во првата работилница учениците изработија новогодишни честитки со кои ќе ги израдуваат корисниците на Старскиот дом „Зафир Сајто“ во Куманово. Втората работилница беше посветена на подготовка на новогодишни пакетчиња што ќе им бидат подарени на корисниците од дневниот центар „Порака наша“.
Овие активности претставуваат прекрасен пример за негување на солидарност, емпатија и општествена одговорност кај учениците, во духот на современите воспитно-образовни цели поддржани од Бирото за развој на образованието.