На 18 декември 2024 година во СОУ „Таки Даскало“ во Битола се одржа работилница за наставници и ученици од средните училишта од Битола, Ресен и Демир Хисар на тема „Запознавање со одредбите од Законот за заштита на потрошувачите“. Работилницата е дел од планираните активности на Бирото за развој на образованието во Програмата за заштита на потрошувачите за 2024 година („Службен весник на РСМ“ бр. 32/24), донесена од Владата на Република Северна Македонија, изработена согласно Законот за заштита на потрошувачите („Службен весник на РСМ бр. 236/22). Целта на работилницата е стекнување основни знаења и вештини неопходни за правилен и сигурен избор на производи и услуги, како и знаења за основните права и обврски на потрошувачите и начините за нивно остварување.
Во рамки на работилницата, која што беше интерактивна, наставниците и учениците се запознаа со правата на потрошувачите коишто се загарантирани со Законот за заштита на потрошувачите, за потрошувачите односи, продажните поттикнувања, нечесните трговски пракси, дигиталните содржини и дигиталните услуги, обврските на трговците коишто даваат јавни услуги, правата и обврските како корисници на комуникациски услуги и постапки во решавање на спорови, како и за постапката за остварување на заштитата на правата на потрошувачите.
На крајот од работилницата директорот на Бирото за развој на образованието, г-динот Абдулфета Фетаи, оствари средба со директорот на СОУ „Таки Даскало“, г-динот Ристо Грујовски, домаќинот на работилницата. На средбата беше нагласено дека оваа работилница е само дел од континуираните напори на Бирото за развој на образованието во делот на едукација и информирање за подигнување на свеста за важноста од правењето паметен и безбеден избор, како за себе, за најблиските, така и за заштита на животната средина.