Во периодот јуни-август 2024 година, Бирото за развој на образованието во рамки на Проектот за подобрување на основното образование поддржан од Светска банка и Министерството за образование и наука, реализира акредитирани обуки за професионален развој и стручно усовршување наменети за наставниците и стручните соработници во основното образование.
Бирото акредитираше 18 програми за обука на наставници и 4 програми за обуки на стручни соработници кои се соддржани во Каталогот на акредитирани програми за обука за наставниците/стручните соработници во основното образование, јавно објавен на веб страницата на Бирото за развој на образованието.
Во изминатиот период се реализираа два циклуси на обуки. Првиот циклус е реализиран во периодот октомври- декември 2022 година при што се оддржани околу 600 обуки на кои присуствуваа повеќе од 14 илјади наставници и 800 стручни соработници. Во вториот циклус на обуки, реализиран во периодот јуни-август 2023 година обучени се повеќе од 14 500 наставници и 800 стручни соработници а за актуелниот трет циклус обуки пријавени над 18 000 наставници и стручни соработници.
Обуките се спроведуваат од страна на акредитирани понудувачи на услуги избрани од страна на Бирото за развој на образованието. Секој понудувач има обврска да обезбедува поддршка на наставниците и по завршувањето на обуките во насока на разменување искуства, поддршка во имплементацијата на стекнатите знаења и справување со евентуални предизвици во текот на наставата.