Во текот на месец јуни 2024 година, Бирото за развој на образованието реализираше обука за наставниците од средното образование кои реализираат настава по стручни предмети на тема „Дигитални вештини кај наставниците во функција на наставата (при следење на учениците, во решавање проблемски ситуации, во истражувачки активности и слично)“ преку акредитираниот понудувач „О3 Инвест“.
Реализирани се вкупно 86 обуки, односно обучени се 2001 наставник. Обуките се одвиваа на два наставни јазика, на македонски јазик и на албански јазик.
Учесниците на крајот од обуката пополнуваа анонимен евалуационен прашалник и од добиените одговори може да се заклучи дека обуката ги задоволила очекувањата на наставниците, материјалите кои ги добиле за време на обуката биле релевантни за потребите, а вежбите обезбедиле процес на учење, процес на интеракција и развоен процес кај учесниците. Стекнатите знаења, наставниците можат да ги применат во реализацијата на наставата.
Со обуката, наставниците се стекнаа со значајни вештини и знаења кои ќе им овозможат поуспешно интегрирање на технологијата во реализацијата на наставата. Тие се оспособија да ги поврзат технолошките алатки со педагошките методи и содржините на предметите и да користат дигитални технологии за подобрување на резултатите на учениците. Практичните вежби им помогнаа да развијат вештини за планирање и спроведување на наставни активности, како и за следење на напредокот на учениците преку примена на ИКТ.