Актуелно

Историјат

 

Формирање и надлежности на првиот Завод за унапредување и проучување на школството (11 август 1955 година)

 

       Првиот чекор за формирање завод за унапредување на обра­зованието и воспитувањето е направен во летото 1955 година. Поточно, на 11 август 1955 година со Решение на Извршниот совет на НР Македонија, бр. 214 (заради започнување подготовки за реформата на школството на просторот на ФНР Југославија), се формира Завод за унапредување и проучување на школството, за вршење на просветно-педагошка служба во Н.Р. Македонија. Од овој датум Заводот започнува да постои како буџетска установа под раководство и надзор на Советот за просвета на НР Македонија. Споменатото Решение не е спроведено веднаш, туку по неопходните подготовки Заводот започнал да работи на 1 јануари 1956 година. Неговата главна надлежност е подготовката на материјали за реформа на школството. Советот за просвета на НР Македонија согледал дека не е можно да се прават реформи во образованието без солидна подготовка на учителите и нивно постојано оспособување за исполнување на толку сложена и општествено значајна работа.

 


       Стручните работници во Заводот имале надлежности да присуствуваат на наставата, да се грижат за учебното градиво, за негова оценка и да ги пренесуваат теориските спознанија во наставната практика. Од самиот почеток на оваа дејност, Заводот дава мислења и предлози за составување на наставните планови и наставните програми и води постојана грижа за нивна примена во училиштата. За исполнување на овие сложени цели се создаваат стручни тимови кои ги спроведуваат промените во училиштата, предлагаат мерки за стручно подготвување на учителски кадар, проучуваат и даваат предлози за обновување на постојните и за градење нови училишни објекти.

 

 


 
2017 © Copyright Биро за развој на образованието