Aktualisht

Средно стручно образование

Наставни планови   4.7 МБ

Насоки за слободните часови на училиштето    52 kb

    Наставни програми - I година           

Стручното образование се остварува во средни училишта кои се организираат како јавни училишта и приватни училишта, во кои не се дозволени дискриминации засновани на пол, раса, боја на кожата, национално и социјално потекло, политичко и верско уверување, имотна и општествена положба. Воспитно-образовната дејност се изведува на македонски јазик и кирилско писмо. За припадниците на националностите воспитно-образовната дејност во јавните училишта се изведува на јазикот и писмото на националностите на начин и услови утврдени со закон. Притоа, учениците од националностите задолжително го изучуваат и македонскиот јазик. Во јавните средни училишта наставата може да се изведува и на еден од светските јазици. Во приватните училишта наставата може да се изведува и на странски јазик.

Во стручното образование се запишуваат редовни и вонредни ученици кои завршиле основно образование. Стручното образование може да биде од тригодишно и четиригодишно траење и специјалистичко образование. Во стручното оспособување до двегодишно траење се вклучуваат и лица без завршено основно образование, но непосредно со стручно оспособување се завршува и пропишаната програма за основно образование.

По завршувањето на стручното образование со четиригодишно траење учениците полагаат од учебната 2006/2007 година државна матура или завршен испит. По завршувањето на стручното образование со тригодишно траење учениците полагаат завршен испит. Учениците кои полагаат државна матура стекнуваат право на образование на соодветни студии.

Средно стручно училиште може да основа општината. Одлуката за основање на средно општинско училиште донесува советот на општината по претходно прибавено мислење од Владата на Република Македонија. Државни средни стручни училишта основа Владата. Приватно училиште може да основа домашно и странско приватно и физичко лице врз основа на Законот за средно образование. Мрежата на јавните средни училишта ја утврдува Владата на Република Македонија по предлог на општините и на Градот Скопје.

Во 27 средни училишта на Република Македонија има гимназиско и стручно образование, а во 38 средни училишта има само стручно образование. Значи, стручното образование го има во 65 училишта. Тоа може да се види во табела 1 и табела 2. Разликата меѓу овие две табели е групирање на струките и профилите во помал број, споредено со конкурсот за запишување на ученици во учебната 2004/2005 година и учебната 2005/2006 година.

Ваквото групирање на помалку профили, односно струки оди во правец на создавање на поширока образовна основа која ќе овозможи поголема  квалификациона флексибилност и адаптибилност. Во случај на технолошки, економски и структурни промени работната сила лесно ќе се прилагодува на потребите на пазарот, со мали дообуки и преквалификации.

Табела 1 - Учебна 2004/2005 година
Табела 2 - Учебна 2005/2006 година

Според новиот предлог од Бирото за развој на образованието во Програмскиот документ за дефинирање на струките и образовните профили се обопштува на 14 струки и само 42 образовни профили.

Табела 3  - Структури и профили според конкурсот од учебната 2005/2006

Во средното уметничко образование се запишуваат редовни ученици по ликовна, музичка и балетска уметност кои завршиле основно образование. Во средното уметничко образование можат да се запишат и надарени ученици со незавршено основно образование, по претходна согласност од Министерството, со обврска паралелно да се здобијат со основно образование. Учениците кои ја завршиле последната година во уметничкото образование од учебната 2006/2007 година полагаат училишна матура според утврдени програми.

Табела 4 - Училишта во Република Македонија за средно уметничко образование

Државното училиште за физичка култра “Методија - Митевски Брицо” од учебната 2005/2006 година запишува ученици според наставните планови и програми за спортска гимназија. Наставата се реализира на македонски и на албански наставен јазик.

Во средното образование за ученици со посебни образовни потреби се образуваат ученици според сообразени програми за соодветни занимања, односно образовни профили. Во зависност од следењето на сообразените програми за соодветни занимања, односно образовни профили учениците со посебни образовни потреби можат да полагаат државна матура или завршен испит.

Табела 5 - Учебна 2004/2005

Табела 6

Со наставните планови и наставните програми за воспитно-образовната дејност се уредуваат  целите, наставните подрачја, темите и содржините, образовните стандарди и профилот на наставникот што ја реализира наставата. Програмите се изработуваат според модел на програми кој го донесува министерот на предлог на Бирото за развој на образованието. Во моделот се утврдува и флексибилноста во реализација на наставните подрачја и теми.

Од учебната 2005/2006 година во средното стручно образование, со траење од четири години, се применуваат воедначени наставни планови и програми за I година, за сите образовни профили во сите струки.  Наставните планови и програми за другите години од стручното образование со траење од четири години се во фаза на изготвување.

Во училиштата за средно стручно образование, за остварување на воспитно-образовната дејност се употребуваат учебници. Припадниците на заедниците кои наставата ја следат на јазик различен од македонскиот јазик употребуваат учебници на јазикот на соодветната заедница. Учебникот се изработува согласно со планот и програмата за соодветниот предмет и концепцијата за учебник што на предлог на Бирото за развој на образованието ја донесува министерот.

 
2017 © Copyright Byroja e zhvillimit të arsimit